Со возила чија просечна старост е 30 години и со недостиг на опрема. Ова се условите под кои само тетовските пожарникари во овие први 8 месеци од годинава се соочиле со над 400 пожари, на територија со околу 280 илјади жители. Ако ова не е доволно, им фали и кадар.
„Можеби ние сме единствената единица која интервенира на ваква територија и вакво население, а многу точен податок со стандардите на НАТО и на Европската Унија јасно кажува дека на секои 1.500 жители мора да има по еден професионален пожарникар, според последните попис на населението во кој спаѓаат општина Тетово и руралните општини имаме над 280 илјади жители, што значи дека и тетовските пожарникари имаат недостиг од луѓе, тетовските пожарникари имаат бројка од 76 што се решенија и имаме недостиг од 55 луѓе“, вели Авни Амети, команда НЈТКЗ – Тетово.
Во последниот голем пожар во модуларната болница во Тетово, градските пожарникари оштетија голем број противпожарни црева, а доколку се повтори сличен таков пожар нема да можат соодветно да се справат со него.
„Имаме недостаток на алатки и итно ни е потребна заштитната униформа, која е застарена и донирана од Англија. Тоа се огромни трошоци со оглед на пожарот што го имавме во фабриката „Пофикс“, тоа беше пожар од големи размери што досега се нема случено во Северна Македонија, а имавме големи оштетувања на цевки и други штети од пожар, дури неколку пати сме апелирале. државата да дојде на помош затоа што не дај Боже да има ваков пожар и немаме капацитет да интервенираме“, додава Амети.
Пожарникарите апелираат до граѓаните да внимаваат каде палат оган за да не предизвикаат пожар, особено на отворен простор, бидејќи теренот е тежок и нема да можат да се справат. Оваа единица интервенира и при сообраќајни незгоди кои во текот на летото уште повеќе се зголемуваат.
