Граѓаните незаинтересирани за изборите – помалку од половина излегле на гласање, а зголемен број неважечки ливчиња

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во 43 општини е избран градоначалник и со тоа таму гласањето уште во првиот круг е завршено, додека во 33 општини ќе има втор круг за две недели, односно гласањето ќе се одржи на 2 ноември. Ова го соопштија од Државната изборна комисија од каде велат дека на тие избори ќе се соочат двајцата кандидати за градоначалници кои добија најголем број гласови во првиот круг. Но она што треба да се знае е дека по завршувањето на вториот круг изборите нема да завршат. Во 4-те општини кои ја немаа потребната излезност по два месеца ќе се повтори целиот изборен процес.  

„Поради тоа се повторува целата изборна постапка во рок од 60 дена од денот на објавувањето на конечните резултати на Државната изборна комисија. Тоа е општина Гостивар, излезноста е 33,31 процент, значи за многу малку, општина Маврово Ростуше со излезност 30,31%, општина Врапчиште со излезност 25,18% и општина Центар Жупа со излезност од 21,49%“, вели Борис Кондарко.

Според Изборниот законик во општините кои немале доволно излезност во повторувањето на изборниот процес не е предвиден цензус, односно ќе се избере градоначалник доколку излезе и само еден гласач.

„Повторените избори за соодветната општина се одржуваат во рок најдоцна 60 дена по објавување на конечните резултати, при што нема да се применува условот предвиден во членот 132 став (1) од овој законик што се однесува на излезноста од една третина од вкупниот број избирачи запишани во изводот од Избирачкиот список за соодветната општина“, вели ИЗ член 132-а.

Излезноста на првиот круг на локалните избори беше 46,63%, односно гласале 854.620 лица што е загрижувачки податок и историски најнизок за време на локални избори. Оваа година повеќе од половина од гласачите не излегле на гласање.

Истовремено на овие избори е забележан и зголемен број на неважечки ливчиња и тоа дури 53.713 што во споредба со претходните локални избори во 2021 година кога имаше 37.859 поништени ливчиња што е зголемување за околу 50 проценти.