Граѓаните од месец во месец потешко живеат – инфлацијата ги празни џебовите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Секојдневното поскапување на цените на производите ја вивна инфлацијата која удри по џебот на граѓаните.

Трошоците на животот во септември годинава во однос на септември лани се зголемени за 18,7 отсто, а индексот на цените на мало за 14,7 отсто, се вели во извештајот на Државниот завод за статистика. Во однос на август годинава, пак, торшоците на живот пораснале за 1,6 отсто, а цените на мало забележале пад од 0,1 отсто. Во септември минатата година цената на лебот од пченично брашно била 53 денари, а сега таа изнесува 91 денар. Цената на пченичното брашно ТИП 500 била 33, а во моментов изнесува 46 денари. Сирењето од 320 денари поскапело на 408, кашкавалот од 415 на 514 денари. Млекото во септември минатата година изнесувало 53, а сега 69 денари, додека пак цената на маслото за јадење од 92 на 143 денари.

ОСНОВНИ ПРОИЗВОДИСептември 2021Септември 2022
ЛЕБ ОД ПЧЕНИЧНО БРАШНО53 денари91 денари
ПЧЕНИЧНО БРАШНО ТИП 50033  денари46 денари
СИРЕЊЕ320  денари408 денари
КАШКАВАЛ415 денари514 денари
МЛЕКО53 денари69 денари
МАСЛО ЗА ЈАДЕЊЕ92 денари143 денари

Граѓаните велат дека мерките што ги презема Владата не се доволни да го ублажи ценовниот шок на основните продукти за живот.

-Скапо е се. Поскапено сто посто.

ТВ21: Со две илјади денари што може да се купи?

– Една ќесичка.

–  Не верувам веќе ништо во ниту една политика на државата.

ТВ21: Има поскапување на производите?

– Не може да се следи нормално.

– Ќе се донесе, но тоа е многу мал дел. Маржата е мала. Основните цени треба да се виде што може да се помогне на млекопроизводителите. Само тоа е услов да се намали цената.

– Јас сум работел во таа индустрија знам дека цените се премногу високи. Мислам дека не одговараат на реалните состојби. Пренадувани се трошоците.

ТВ21: Како граѓаните да преживеат?

– Уметност е тоа. Тешко, многу тешко.

ТВ21: Треба нови мерки?

– Апсолутно. Треба водење сметка многу за секој денар од буџетот, да се вложи онаму каде што ќе даде најголем ефект. Не може да се решаваат ад-хок таму каде што запрело, веднаш треба да се реагира. Тоа треба стратешки да се прави, во текот на целата година. Тоа е улогата на Владата.

Експертите алармираат дека поскапувањата ќе продолжат, но не очекуваат да има некои сериозни скокови кај цените.

„Ние треба навистина да се позанимаваме малку повеќе со реформи, со длабоки ресори во длабоки реформи почнувајќи од таа административна или правна инфраструктура, па се до таа инфраструктура капитални инвестиции. Рефеформи во даночниот систем, во фискалната политика, подобро менаџирање на јавните пари, ние би требало како држава да почнеме да бидеме поштедливи во проектите, а исто така за секој потрошен денар треба да го даде неговиот ефект и ние да го видиме тоа“, додаде Абил Бауш.

Според Бауш постепена стабилизација би имало дури во 2024 година.

„Ефектите од инфлацијата нема да ги видиме уште, инфлацијата најверојатно до 2023, веќе ние имаме една стабилна инфлација, двоцифрена но веќе влегуваме во една стабилна фаза, тоа и го предвидувавме и претходно. Веќе во 2023 година очекуваме да имаме едноцифрена инфлација, нема да имаме некое подобро економско опоравување туку тоа би се очекувало да биде тек во 2024 година да имаме некое економско опоравување и да излеземе од оваа фаза на рецесија“, посочи Абил Бауш.  

За ублажување на ценовниот шок Владата ги ограничи маржите кај основните производи. Се ограничи и извозот на одредени производи, како на пченицата, брашното, огревното дрво и пелетите, а вчера на владина седница беше донесена одлука за замрзнување на маржите на млекото и млечните производи. Но, и покрај ваквите одлуки процентот на инфлацијата од месец за месец расте. Власта иако најавуваше пакет мерки за помош и за граѓаните и за стопанството во септември, тие се уште ги нема.