Потрага по далекуводот: Од чадот на РЕК Битола до нива со трева
Првиот дел од проектот за 400 киловолтниот далекувод „Трафостаница Битола 2 – Елбасан“ сè уште е далеку од реализација. Наместо модерен енергетски коридор, затекнавме разочарувачка слика: чад од високите оџаци на РЕК Битола на едниот крај, а на другиот – нива обрасната со висока вегетација.
Нема градежни активности, ниту знаци за поставени темели. Наместо тоа, сведоци сме на застој кој трае години. Во далечината може да се забележат неколку столбни места, но опремата – за која граѓаните веќе платиле милиони евра – стои заборавена во депо, на трева.
Што значи овој проект?
Овој далекувод требаше да го овозможи поврзувањето на електричната енергија од Бугарија, преку Македонија, Албанија и до Италија, како дел од Коридорот 8. Проектот е стратешки за целосното енергетско интегрирање на Македонија со соседните земји.
Плановите започнаа уште во 2013 година, со рок за завршување до 2017 година. Финансирањето беше обезбедено: 37 милиони евра кредит од Европската банка за обнова и развој и грант од 12 милиони евра од WBIF. Но, изведбата се одложуваше со години.
Како се одвиваше проектот?
Договорот со изведувачот „Енергоинвест“ од Босна и Херцеговина беше склучен дури во 2020 година, со вредност од 17,2 милиони евра. Подизведувач беше компанијата на контроверзниот бизнисмен Нефи Усеини, познат по обвиненија за насилство и бесправно градење. Од 2021 година, проектот почна да се соочува со проблеми: зголемени трошоци поради пандемијата, војната во Украина и енергетската криза.
Работата целосно застана, а „Енергоинвест“ побара дополнителни 7-8 милиони евра преку анекс на договорот. И покрај преговорите, договорот сè уште не е изменет, а работите не се завршени.
Состојбата денес: статус кво
На крајот на 2024 година, проектот останува во застој. Според МЕПСО, реализацијата е минимална: завршени се само 3-5% од работите, додека набавената опрема (околу 45% од предвидената) стои складирана.
„Новото раководство на МЕПСО вложува значителни напори да ја реши затекнатата состојба, но проектот е целосно во застој од 2022 година, со пробиени сите рокови,“ изјавија од компанијата.
Каде се парите на граѓаните?
Со милиони евра потрошени од џебовите на граѓаните, проектот Битола-Елбасан останува само идеја. Дали ова е уште еден пример на неефикасност и корупција, или има надеж за завршување на овој стратешки важен проект?