Власта најмногу потфрлила во економијата и борбата против корупцијата покажува истражувањето. Голем дел од граѓаните , околу 70, проценти сакаат да се смени Владата, но од друга страна приближно исто толку односно околу 60 проценти не очекуваат дека било која друга политичка опција да дојде на власт ќе биде подобро и ќе ги реши нивните проблеми.
„Ниска доверба во институции, особено во судство, во Влада и во политички партии кои треба да го движат тој процес, генерално и недовербата дека било што може да се смени. За мене беше најинтересна таа реченица дека очекуваат граѓаните Владата да падне но не очекуваат ништо подобро од опозицијата. Така што тоа е поврзано и со недовербата во политичките партии бидејќи тие не демонстрираат дека можат или недоволно демонстрираат за сега дека може нешто да се промени“, вели Александар Кржаловски.
Марко Трошановски од Институтот за демократија вели дека и ова испитување покажува голем степен на песимизам на граѓаните за иднината воопшто.
„Ова е уште едно истражување во низата на претходни истражувачки наоди кои што потврдуваат состојба на широко распространет песимизам, дефетизам и несигурност. Дискрепанцата помеѓу трошоците на живот и платите го прават животниот стандард втор најголем проблем, односно квалитетот на живот, овие два моменти прават најголем проблем кај граѓаните и ако тоа се спои заедно со корупцијата, можеме да кажеме дека граѓаните живеат во еден многу нездрав амбиент кој што генерира голема фрустрација“, порача Марко Трошановски.
Институција во која граѓаните најмалку веруваат е парламентот со доверба од 1.9 проценти, судството е 3,2 проценти. Лошо стои и Владата во која 4,6 проценти од граѓаните рекле дека имаат доверба, а низок степен на доверба имаат и политичките партии односно со 1,8 проценти. Во однос на перспективите на државата оптимизам дека нешто ќе се подобри во функционирањето на државата повеќе има кај албанската популација во однос на македонската.
