Граѓаните се повеќе трошат он-лајн: Само за првите шест месеци – 104,5 милиони евра за нарачки преку интернет

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Он лајн трговијата во земјава е во пораст. Забележителен троцифрен пораст има и на трговијата кон домашните  он лајн продавници. Влијание врз ваквата состојба како што објаснуваат од  Асоцијацијата за е -трговија има и затворањето на границите поради Ковид кризата и комплексноста која се појави со доцнењето на испораките на производи купени од странство.

„Првата половина на 2020 Македонците имаат потрошено 104,5 милиони евра онлајн односно за е-трговија кон домашни и странски трговци. Македонците се повеќе трошат пари кон домашните трговци. Па така годинава процентот од потрошени пари он лајн околу 70 проценти припаѓа на домашните е- трговци. “, рече Виктор Стојковски, генерален секретар на Асоцијацијата за е-трговија.

Македонските потрошувачи ги сменија навиките а истото се случува и со трговците вели Стојковски.

„Е трговијата станува атрактивна и сама по себе. Пандемијата сама по себе со полициските часови кога луѓето практично не можеа да излегуваат и да одат во продавница и тие што беа најголеми скептици ги натера да купуваат он лајн. Откако еднаш купија он лајн праксата и нивната навика продолжија да трае.“, вели Стојковски.

Веруваме дека и по завршување на Ковид кризата,  навиките кои сега се стекнуваат ќе продолжат да траат и он лајн купувањето ќе продолжи да расте со забрзано темпо, уверен е Стојковски. Но од оваа Асоцијација упатуваат на уште еден проблем- стравот кој македонскиот граѓанин го има и недовербата кон он-лајн купувањето.

„Македонскиот граѓанин имаа некој страв некоја несигурност во однос на он лајн купувањето, но пандемијата ги натера да го почувствуваат тоа искуство. Потешко е да пробаш откако ќе пробаш знаеш дека нема никакви задни намери  односно не можат да бидат злоупотребени твоите податоци.“, изјави Стојковски.

Инаку за период од шест месеци во текот на 2020 година бројот на онлајн продавници се зголемил за 203 ново отворени. Доколку се земе предвид бројката на нови онлајн продавници за периодот од април до јуни годинава, истата се зголемила за 145 ново отворени, односно секој ден се отворале по две онлајн продавници што претставува одлична динамика на раст на онлајн понудата во земјава посочуваат од Асоцијацијата.