Граѓаните трпат, а партиите се обвинуваат меѓу себе – ВМРО-ДПМНЕ со сомнеж дека се подготвува терен за бугарска компанија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

И додека граѓаните секојдневно „глават“ во сообраќај во Скопје поради протестите на приватните превозници, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ со меѓусебни обвинувања. Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски покренува сомнежи дека градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска го подготвува теренот за бугарска компанија да го преземе приватниот превоз во Скопје. Стоилковски ја прашува Арсовска дали во главниот град веќе пристигнале автобусите од оваа компанија.

Илјадници граѓани не можат да стигнат на своите работни места или на лекар, студентите на факултет, учениците на училиште, а децата во градинка, порачуваат од СДСМ, а прстот за вина го вперуваат кон Арсовска и Мицкоски.

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, досега не излезе пред медиуми за да се произнесе по ова прашање. Вчера преку „Фејсбук“, само праша дали лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски заедно со премиерот Димитар Ковачевски имале тајна средба во скопски локал? Од Владата велат дека ја следат состојбата, но без да прецизираат дали планираат да преземат некоја мерка во насока на надминување на проблемот.