Иран и САД продолжуваат со преговорите за крај на осуммесечната војна: Техеран предлага договор што може да се спроведе за два дена

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Иран и САД продолжуваат со разговорите за можно завршување на војната, која трае веќе осум месеци, соопшти денеска иранското Министерство за надворешни работи. По неколкудневните разговори меѓу Техеран и катарските посредници, предлозите за договор биле изменети, но засега нема позначителен напредок.

„Можам да ви кажам дека дијалогот продолжува. Сепак, станува збор за сложено прашање“, изјави портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаеи. Тој додаде дека Иран и САД и понатаму комуницираат преку посредници.

Во меѓувреме, во светот расте загриженоста дека војната на Блискиот Исток би можела повторно да ескалира по американските меѓуизбори, кои треба да се одржат утре. Кина и Русија денеска јавно се спротивставија на продолжувањето на конфликтот, кој нанесе сериозни последици врз светската економија, пренесува „Ројтерс“.

Цените на нафтата денеска паднаа за речиси четири проценти, поттикнати од надежите дека преговорите би можеле да доведат до дипломатско решение. Сепак, извори од Иран оценуваат дека нов американски напад е поверојатен од постигнување договор.

Иран предлага план што може да се спроведе за два дена

Багаеи изјави дека основа за преговорите и понатаму е иранскиот план од септември. Тој ја потврди и саботната изјава на иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, дека планот би можел да биде скратен.

„Основата на дијалогот и разговорите меѓу Иран и САД преку посредници и понатаму е иранскиот предлог од седум чекори, кој сега е скратен и може да се спроведе во рок од два дена“, изјави Багаеи.

Американскиот претседател Доналд Трамп уште во септември го отфрли овој предлог.

Според иранскиот план, САД треба да ја прекинат блокадата на иранските пристаништа, а Иран за возврат повторно би овозможил слободна и безбедна пловидба низ Ормускиот Теснец.

Планот предвидува и повторно овозможување на извозот на иранска нафта, укинување на новите санкции против Техеран, по што би започнале преговори за останатите отворени прашања.

Иран не ги менува условите за нуклеарните преговори

Багаеи нагласи дека скратувањето на планот не значи и промена на иранската позиција во врска со нуклеарните преговори. Техеран е подготвен да се врати на разговорите за својата нуклеарна програма дури откако ќе се утврди дали се исполнети сите негови услови.

Новинарите го прашаа дали за време на разговорите била разгледувана можноста Иран да ги префрли своите резерви на високо збогатен ураниум во друга земја и дали Техеран би се согласил на такво решение. Багаеи ја негираше оваа можност.

Функционер запознаен со преговорите изјавил дека иранските преговарачи вчера ги напуштиле разговорите, но дека причината за тоа не биле проблеми во текот на преговарачкиот процес.

Трамп во повеќе наврати нагласи дека САД нема повторно да го нападнат Иран пред утрешните американски меѓуизбори.

Од друга страна, Техеран предупреди дека на секој нов напад ќе одговори силно, вклучително и со напади врз цели во регионот на Блискиот Исток, но и надвор од него.