Грантови за самовработување и за иселениците – 10 отсто бонус за младите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Грантовите за самовработување годинава ќе можат да ги користат и младите иселеници кои сакаат да инвестираат и да започнат сопствен бизнис во своето родно место. За нив е предвиден и бонус од 10 проценти над основниот износ на грантот. Овие мерки беа промовирани во Кичево.Еден од заинтересираните, кој планира да се врати од Германија, побара појаснување дали има право да добие грант.

„Одлучив да се вратам во Кичево со бизнис-идеја – да увезувам колбаси и салами од Германија и Холандија. Компанијата ја отворив пред шест месеци, но сè уште не сум почнал со работа. Планирам да започнам за околу еден месец. Колку што разбрав, грантот е наменет за оние што отвораат компанија од почеток. Дали и јас, бидејќи фирмата веќе е регистрирана, имам право на грант?“ – изјави Валмир Усеини, иселеник.

Одговорот беше дека тој може да аплицира како физичко лице во рамките на мерките за поддршка на вработувањето.

И други граѓани побараа дополнителни информации за начинот на користење на средствата.

„Во делот за самовработување, дали средствата може да се користат и за плати и други трошоци, или се наменети само за опрема?“ – вели граѓанин.

Заменик-министерот за економија, Марјан Ристески, изјави дека мерката е поделена во три категории и нагласи дека проектот низ годините им помогнал на многу млади да започнат успешен бизнис.

„Оваа мерка има три категории. Првата е за лица до 29 години, кои можат да добијат грант или субвенција до 10 илјади евра. Втората е за лица над 29 години, кои можат да добијат до 7 илјади евра за приватен бизнис. Третата мерка овозможува двајца млади заеднички да основаат бизнис и секој да добие по 10 илјади евра, односно вкупно 20 илјади евра“, изјави Марјан Ристески, заменик-министер за економија.

Од друга страна, заменик-директорката на Агенцијата за вработување, Весна Пешова, појасни дека одредени категории немаат право да аплицираат за овие грантови.

„Земјоделците не можат да аплицираат, бидејќи за нив веќе постои финансиска поддршка преку Министерството за земјоделство и не е дозволено исто лице двапати да добие државни средства. Исто така, не се поддржуваат производството на оружје, финансиските филијали, обложувалниците, казината и приватните агенции за вработување“, изјави Весна Пешова, заменик-директорка на Агенцијата за вработување.

Основен услов за аплицирање е лицето да биде невработено и евидентирано како активен барател на работа во Агенцијата за вработување.