Грчкиот Парламент го изгласа законот за набавка на уште шест воени авиони и три фрегати од Франција

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Со широко мнозинство грчкиот Парламент вечерва го изгласа новиот закон за зајакнување на одбраната на земјата што вклучува набавка на дополнителни шест воени авиони „Рафал“ и три фрегати „Белара“ од Франција, јави дописничката на МИА од Атина.

За конкретниот закон од Министерството за одбрана, „за“ гласаа пратениците од Нова демократија, Движење на промена и Грчко решение, „против“ беа Комунистичката партија и МЕРА 25, додека пак пратениците од СИРИЗА гласаа „присутни“.

Грција веќе има договор за 18 воени авиони „Рафал“, а шест од нив минатиот месец пристигнаа во Атина.

На крајот од септември минатата година, министрите за надворешни работи и одбрана на Грција и Франција, во присуство на францускиот претседател Емануел Макрон и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, во Париз го потпишаа Договорот за воспоставување стратешко партнерство за одбранбена и безбедносна соработка меѓу двете земји што содржи набавка на три модерни француски фрегати „Белара“, со можност за набавување на плус уште една.