Тетово и понатаму мака мачи со загадениот воздух. Причина за аерозагадувањето е греењето на дрва и автомобилите. За многу тетовци електричната енергија веќе не е начин на греење, поради поскапувањето на струјата кое стапи на сила пред неколку дена.
Еколошките здруженија сметаат дека големиот број возила и греењето на дрва придонесуваат Тетово да биде еден од најзагадените градови во земјава. Иако беа дадени субвенции за инвертер клими, според Нгадњим Мехмети од „Еко Герила“, поради поскапувањето на струјата, греењето на електрична енергија станало луксуз.
-Начинот на греење е еден од главните проблеми кој треба да го намали степенот на загаденост, гасификацијата како процес се одолжува со години. Поради промената на цените на електричната енергија, греењето на струја во Македонија стана луксуз, затоа главните мерки треба да бидат фокусирани на обновливи извори на енергија за кои Владата треба да работи поинтензивно. Друг проблем во Тетово е и огромниот сообраќај, каде градот со улиците што ги има не може да се справи со сообраќај од 40 илјади возила, вели Нгадљим Мехмети од Еко Герила
И покрај постојаните апели на надлежните власти да се избегнува греењето на дрва и загадувачки материи, поголемиот дел граѓани и понатаму користат огревно дрво за да се стоплат. Инаку, во Македонија од почетокот на 2022 година цената на струјата „скокна“ за речиси 10%.
