Гроб на војник од шестиот век пред нашата ера – археолошко откритие во Корошишта, Струга

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во селото Корошишта, Струга, археолозите открија гробница на војник за кој се смета дека потекнува од VI век пред нашата ера, со штит, шлем, копја, меч и предмети од злато, бронза и килибар.

Ова откритие потврдува дека Расница е некропола од архајскиот период, велат археолозите кои веќе три години работат на овој локалитет.

„Погребувањето е значајно бидејќи покојникот е погребан заедно со воена опрема, заштита за глава, бронзени заштитни предмети, а во близина на заштитата за глава открив и златна фолија, која, според местото на кое се наоѓаше, служела за покривање на лицето на покојникот. Иако сè уште не сме 100 отсто сигурни, можно е да станува збор и за покривка, односно златна маска. Во лабораторијата ќе го испитаме материјалот и ќе утврдиме за што точно станува збор. Пронајдени се и бронзени садови, сребрени игли, стаклена монистра, златен прстен и други предмети“, изјави Перо Арѓанлиев, археолог.

На ова подрачје ќе продолжат и понатамошните истражувања, најави директорката на Националниот археолошки музеј, Магдалена Манаскова.

„Во 2024 година, за првпат, тим од Националниот археолошки музеј, предводен од доктор Перо Арѓанлиев, откри откритие кое одекна не само во нашата држава, туку ги надмина и границите на земјата и беше меѓу 10-те најголеми археолошки откритија во 2024 година. Го претставивме во Археолошкиот музеј со изложба наречена „Корошишта – значајно откритие“, а денес сме тука за со сигурност да потврдиме дека станува збор за некропола“, изјави Магдалена Манаскова, директорка на Националниот археолошки музеј.

Овие гробници се постари од гробниците пронајдени во Требеништа, велат археолозите, додавајќи дека, според географската положба, станува збор за исклучително богат локалитет.