Грција петти ден се бори со големи пожари, Атина и Евија под висок ризик

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Грчките пожарникари и натаму се борат со големиот шумски пожар што петти ден по ред беснее во близина на Атина, додека поширокиот регион на главниот град и островот Евија остануваат под речиси максимален ризик од нови огнени стихии.

Намалувањето на јачината на ветровите им овозможи на противпожарните служби повторно да ги активираат авионите за гаснење. Според заменик-портпаролот на противпожарната служба, Јанис Артопиос, повеќе од 30 авиони ќе бидат ангажирани во борбата со огнот, особено во тешко пристапните планински делови.

На терен се распоредени над 500 пожарникари кои интервенираат во селата околу планината Китаирон, на околу 60 километри северозападно од Атина. Целта на властите е пожарот да биде ставен под контрола, но надлежните предупредуваат дека сè уште постојат активни и тлеечки жаришта кои можат повторно да се разгорат при посилен ветер.

„Тоа е огромна област и во секој момент може повторно да има избувнување“, изјави Артопиос.

Пожарите во Грција од минатата недела однесоа пет животи меѓу пожарникарите. Во неделата, два хеликоптери „Бел“ се судрија додека учествуваа во гаснење пожар во западниот дел на Атина, при што загинаа данскиот пилот и неговиот грчки копилот. Уште тројца пожарникари ги загубија животите на Крит и на Пелопонез.

Другите големи пожари низ земјата, меѓу кои и оној на островот Кефалонија, во најголем дел се ставени под контрола, соопшти грчката противпожарна служба.

Експертите оценуваат дека Грција се соочува со една од најтешките пожарни кризи во последните години. Според Националната опсерваторија, во пожарот кај Атина досега се погодени повеќе од 13.000 хектари шума и земјоделско земјиште.

Премиерот Киријакос Мицотакис предупреди дека земјата се соочува со „исклучително тешки“ денови поради високите температури, сушата и силните ветрови. Научниците велат дека зголемената зачестеност и интензитет на шумските пожари во Медитеранот е поврзана со последиците од климатските промени.