Груби: Француска иницијатива за БГ-МК – Јанев повтори дека Бугарија не го менува ставот за Македонија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Власта не ја губи надежта и покрај најавите на бугарската страна дека нема да го сменат нивниот став во однос на Македонија. Првиот вицепремиер Артан Груби вели дека постои француска иницијатива за решавање на спорот меѓу Македонија и Бугарија. Одговорите на сите барања на Бугарија се испратени од наша страна и кај нас постои готовност за компромис кој е достоен за нашата земја, рече тој.

„Ние ги поднесовме одговорите кон сите прашања што ги има поднесено Бугарија во најконстурктивна можна форма и чекаме новите власти, претседателот Радев, новата Влада, да му пристапат на дијалогот околу овие прашања на конструктивен начин. Да постигнеме решение која ќе ни го отвори патот кон Европската унија. Да има вистина дека има француска иницијатива, за да седнат на маса, за да се надминат сите разлики на начин што наредните месеци од 2022 година, на пролет, да се одржи првата Меѓувладина конференција“, истакна Артан Груби.

Бугарскиот технички премиер Стефан Јанев во одговор на пратеничко прашање го повтори ставот на Владата  дека нема промени во однос позицијата кон Македонија и почетокот на преговорите. Тој рече дека од македонска страна не се почитува Договорот за добрососедство  а дека преговорите можат да продолжат само по 5+1 точките.

„Нема промена во бугарската позиција, нема нешто што бугарското општество не го знае, дополнително и вчера на министерскиот совет ја утврдивме позицијата на Бугарската Влада која ќе биде претставена на советот за општи работи идната недела во Брисел. Бугарската позиција повеќе пати не само што е декларирана туку и коментирана, таа е извесна и јавна со т.н. 5+1 точки. Тоа е шемата по која можат да продолжат разговорите“, посочи Стефан Јанев.

За бугарската позиција кон Македонија говори и последната анкета спроведена од Галуп, според која мнозинството од 71 проценти од бугарските граѓани сметаат дека за земјава да добие зелено светло за старт на преговорите за членство, мора најпрво да ги реши прашањата со Бугарија. Инаку денеска продолжи со работа Мешовитата македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања која поради пандемијата со корона вирусот состанокот го одржа онлајн. Засега нема информации од исходот од оваа средба, но пред неколку дена бугарскиот историчар Ангел Димитров обвини дека македонската страна не била конструктивна во преговорите и дека тие биле заглавени во 10-от и 11-от век во времето на Цар Самуил и дека воопшто нема разговори околу заедничкото чествување на Гоце Делчев.