Товарен воз со кој управувала компанијата „Трансагент“ утрово излетал од шините на влезот во железничката станица Меја кај Риека во Хрватска, при што 11 вагони завршиле во провалија. Нема повредени, но е предизвикана голема материјална штета.
Несреќата се случила денеска во 9:25 часот. Возот се движел кон Риека и превезувал жито, соопшти „ХЖ Инфраструктура“.
Според досегашните информации, машиновозачот пред излетувањето од шините го известил диспечерот дека откажале сопирачките и дека не може да го запре возот. Набргу потоа, возот излетал од шините на влезот во станицата Меја.
Единаесет вагони се урнале во провалија, додека локомотивата и два вагона останале во станицата. Во несреќата нема повредени.
