Жителите и земјоделците кои треба да поминат низ тетовската населба „Дарданија“ секојдневно се соочуваат со опасност при минувањето низ подвозникот под автопатот за да стигнат до своите земјоделски површини. Иако работите за уредување на двата подвозника во оваа населба започнаа уште напролет, тие сè уште не се завршени.
Како последица на тоа, едниот подвозник останува целосно блокиран, поради што жителите се принудени или да си го ризикуваат животот минувајќи преку автопатот Скопје–Гостивар, или да поминуваат дополнителни околу 1,5 километри. Жителите се револтирани поради долгото траење на работите и бараат од општинските власти да го забрзаат процесот.
„Овде е многу опасно да се поминува. Треба што побрзо да го направат патот за да можеме да одиме до нивите. Не знам што да кажам, каде да одиме… Забрането е да се излегува на автопатот, а ова е затворено веќе четири месеци. Луѓето не можат да стигнат ниту до нивите и ги оставиле необработени поради патот.“…„Многу е неопходно да се заврши бидејќи немаме од каде да поминуваме. Поради овој пат морам да правам голем заобиколен пат. Затворен е повеќе од два месеца.“, велат жителите.
Од Општина Тетово, пак, велат дека работите се одвиваат според предвидената динамика, иако не наведуваат конкретен датум кога се очекува проектот целосно да биде завршен.
„Според информациите, работите за уредување на атмосферската канализација во населбата ‘Дарданија’ се одвиваат според предвидената динамика на изведувачот. Пред неколку дена беше изврзано приклучувањето на централната цевка на патот кон селото Желино, а беше извршен и продор под автопатот Скопје–Гостивар. На овој дел, покрај атмосферската канализација, беше уреден и цевководот на водоводната мрежа, со што се подобрува инфраструктурата за водоснабдување на жителите од ова подрачје“, изјави Бесарта Рамадани.
Овие два подвозника со години претставуваат извор на опасност за минувачите. Во деновите со дожд, поради насобраната вода, се оштетувале и до три возила дневно.
Во текот на денешното снимање на терен не беа забележани ниту багер ниту работници кои изведуваат градежни работи. Со доаѓањето на лошото време, реализацијата на работите може дополнително да се отежне, бидејќи ископите треба да достигнат длабочина поголема од пет метри.
