Продолжуваат превирањата меѓу интегративците Меџити и Груби.
Последното беше околу Насер Зибери, кој вчера беше избран за нов Народен правобранител, иако ДУИ пред изборите го кандираше за премиер. Околу тоа кој ќе биде премиер во последните 100 дена од Владата, пратеникот Меџити вели дека на ова прашање треба да одговори првиот вицепремиер, Артан Груби.
„За ова мислам дека треба да го прашате г.Груби околу тоа каков е договорот и дали г.Насер Зибери во тие 100 дена ќе биде премиер, ако не биде, зошто нема да биде и кој всушност ќе стане првиот премиер Албанец во РСМ?“, праша Изет Меџити.
Ваквата изјава на Меџити, Груби ја нарече лапсус. Тој во интервју за „Телма“, рече дека Меџити сакал да каже – прашајте го г.Ахмети…
ТВ21 денеска побара став од пратеникот Меџити – дали навистина станува збор за лапсус, на што тој одговори:
„Не е лапсус. Одговорот треба да го даде г.Груби, бидејќи тој го промовираше наводниот историски договор, а исто така тој ни објаснува како ќе изгледа ДУИ во наредните 20 години. Значи тој знае сѐ!“, посочи Изет Меџити.
Но, доколку договорот – во последните 100 дена премиер да биде Албанец, е постигнат меѓу Ахмети и Заев, дали всушност ова е порака која Меџити му ја испраќа на партискиот лидер преку Груби? Меџити вели дека пораката е упатена директно до Груби, бидејќи како што вели, во Влада има премиер и прв вицепремиер. Тој меѓу другото додава дека Груби треба да се соочи со одговорноста што ја преземал, а не да се крие зад претседателот Ахмети.