Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби во објава на Фејсбук ги демантира тврдењата дека Специјалниот суд за воени злосторства извршени од страна на ОВК во Косово, со седиште во Хаг, покренал обвинение против лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
– Злобната и поттикнувачка пропаганда против претседателот Али Ахмети и напорите на албанскиот народ за слобода и независност не престануваат. Лажната вест на еден албански проопозициски портал за наводното обвинение против г. Ахмети е најдобриот доказ за нивниот постојан став кон последните случувања и ослободителната војна на албанскиот народ, наведува Груби во објавата.
Тој натаму потстетува дека Ахмети е коосновач на Народното движење на Косово (НДК) и на Ослободителната војска на Косово (ОВК), „поддржувач на владеењето на правото и неселективната правда и тоа секогаш го докажувал, дури и во случајот на последното сведочење во Приштина“.
– Оние што сакаат да им наштетат на Албанците и на ОВК и нарачителите на лажните вести, добро би било да се воздржат од вакви клевети затоа што ниту минатото, ниту денешнината, ниту утрешнината нема да им простат и ќе останат со заслужената дамка, додава Груби во својот фејсбук-статус.
