Аларм во Гостивар за водата за пиење, истрага по сомнежите за загадување на водоводот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Голем број граѓани на Гостивар во последните денови се јавиле во болница поради стомачни тегоби.

ТВ21: Какви симптоми имаш?
Граѓанин: Како што ти кажав, стомакот. Имам многу честа столица.

Граѓанин: Беше пред неколку дена, ни велат дека е во ред, јас и прашав таму, водата е добра! Но колку е добра, ние како граѓани не знаеме.
ТВ21: Од кога пријателката ги има овие симптоми?
Граѓанин: 4-5 дена.

Граѓанин: Ние користиме купена вода.
ТВ21: Значи не е од водата?
Граѓанин: Не верувам, но симптомите се исти. Не знам што можела да пие, можеби некоја лимонада.

Општите симптоми се температура, дијареа, повраќање и слабост. Сомнежите се дека тие се предизвикани од загадена вода. Но, директорот на гостиварската болница, Емри Бајрами, вели дека зголемениот број пациенти – околу 1.100 во последните три дена – може да биде резултат на некоја храна.

Бајрами: Сметаме дека може да станува збор за различни видови храна, високите температури, сезонски вируси.
ТВ21: Каков е бројот на пациенти, дали сите се од градот?
Бајрами: Немаме податоци, но обично повеќето се од градот, бидејќи тие повеќе користат храна во ресторани и брза храна. Немаме информации, но како професионалец сметам дека ова се главните причини.

Од Центарот за јавно здравје во Гостивар потврдуваат дека бројот на затруени граѓани е зголемен, но велат и дека се прават анализи за да се утврди причината – дали причината е храната или водата, бидејќи последните анализи покажале дека водата е исправна и од физичко-хемиски и од микробиолошки аспект.

„Причината може да биде водата, храната или други предмети, односно како последица на недоволно одржување на хигиената. Затоа во овој случај го зголемивме бројот на земање примероци од вода и храна. Инаку, земавме примероци од водата и вчера, а тие анализи сè уште не се завршени. Сепак, од претходните примероци водата се покажала како добра – односно и од физичко-хемиски и од микробиолошки аспект, водата била исправна“, рече Берон Мустафа.

Агенцијата за храна и ветеринарство соопшти дека донела забрана за користење вода од водоводниот систем во Гостивар поради основано сомнение дека е загадена и небезбедна за употреба.

„При надзорот било констатирано дека во главниот цевковод на водоводната мрежа, незаконски и без дозвола, била поставена пумпа која директно вбризгува вода од реката Вардар во системот за водоснабдување. Од страна на експертите од Институтот за јавно здравје, кои биле присутни за време на надзорот, земени се примероци од водата за лабораториско тестирање, со цел да се утврди нејзината безбедност. За да се спречи поголем ризик за жителите од овој регион, АХВ донесе привремена забрана за користење на водата за пиење до добивањето на резултатите од лабораториското тестирање, со кои ќе се потврди нејзината безбедност“, изјавија од АХВ.

Во однос на сомнежите како дошло до оваа состојба, во иста насока е и Министерството за внатрешни работи.

„Постојат основи за сомнение дека ЈП „Водовод“, во соработка со Општина Гостивар, поставило три пумпи во коритото на проточните отпадни води, преку кои директно била вбризгувана вода во главната водоводна цевка која го снабдува градот. Оваа активност, најверојатно, била преземена со цел зголемување на притисокот во мрежата поради недостаток на вода за пиење, со што директно се загрозува здравјето на граѓаните на Гостивар“, велат од Министерството за внатрешни работи.

Но, директорката на Јавното комунално претпријатие, Артана Асани, негира дека во резервоарот била пуштена вода од отпадни води. Според неа, само еднаш било користено стимулирање од изворот во Вруток.

Асани: Имало известување кога е направена стимулацијата. Водата од каналот не е користена за пиење, туку само еднаш е направена стимулација за да се провери дали ќе функционира новата линија што се пушта од изворот во селото Вруток.
ТВ21: Директорке, може ли да ни објасните кога велите „од каналот“, за каков канал станува збор?
Асани: Техничка вода.
ТВ21: Не е отпадна вода?
Асани: Не, не е отпадна вода.

Освен полицијата, во расчистувањето на случајот е вклучено и Обвинителството!

Инаку, загадувањето на водата за пиење е кривично дело според член 219 од Кривичниот законик.