Груби нема да спие ни една ноќ во Шутка – по одлука на суд иде во куќен притвор

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Основниот кривичен суд Скопје донесе решение со кое мерката притвор за осомничениот А.Г. се заменува со мерка куќен притвор, дополнета со мерки за обезбедување присуство во натамошната постапка.

Одлуката ја донел судија на претходна постапка, по сослушување на осомничениот во присуство на негов бранител и по доставените предлози од јавниот обвинител и одбраната.

Претходно, судот бил известен од КПУ Затвор „Скопје“ дека осомничениот од 09:20 часот е спроведен во установата и започнал со издржување на претходно определената мерка притвор, согласно решение од 17.12.2024 година. По ова известување, судот го информирал надлежното јавно обвинителство и, по нивно барање, издал наредба за спровод на осомничениот пред јавен обвинител за сослушување.

Во текот на денот, одбраната поднела предлог за замена на мерката притвор со поблага мерка – куќен притвор, кој бил доставен до обвинителството за произнесување. Јавното обвинителство, кое ја води истрагата, доставило писмено позитивно мислење и на расправата предложило определување поблага мерка од претходно изречената.

Врз основа на изнесените ставови и по извршеното сослушување, судот донел решение за куќен притвор со 24-часовен надзор, доверен на Министерството за внатрешни работи. Дополнително е изречена мерка за претпазливост – одземање на патната исправа и забрана за издавање друг документ за преминување на државната граница.

Против решението, странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет.