Поранешниот прв вицепремиер Артан Груби од денеска може слободно да се движи, откако истече законскиот рок за мерката куќен притвор што му беше определена во рамки на истрагата за случајот „Државна лотарија“. Сепак, неговото движење надвор од земјата и понатаму е ограничено поради мерките поврзани со патната исправа.
Груби речиси осум месеци беше под мерка куќен притвор, која истече на 13 октомври 2026 година. Иако оваа мерка повеќе не е во сила, на поранешниот функционер сè уште му е привремено одземен пасошот, а важи и забраната за издавање нов документ со кој би можел да ја премине државната граница.
Неизвесно останува дали судот ќе го прифати барањето на неговата одбрана за враќање на пасошот. Адвокатите понудиле гаранција во недвижен имот проценет на 335.707 евра, со образложение дека Груби ќе биде достапен за органите на прогонот во текот на постапката.
Од Кривичниот суд претходно појаснија дека куќниот притвор истекува на 13 октомври 2026 година, бидејќи Законот за кривичната постапка предвидува дека притворот по поднесен обвинителен предлог може да трае најмногу 60 дена. Обвинителниот предлог против Груби бил поднесен на 13 август годинава.
Поранешниот вицепремиер е обвинет во случајот „Државна лотарија“, во кој меѓу обвинетите се и поранешниот директор на претпријатието Перпарим Бајрами и уште неколку лица.
