Груевски треба да отслужи 11 години затвор – за три предмети има првостепени пресуди

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Вакви беа плановите во 2017 година на поранешниот премиер Никола Груевски, но да беше во земјава, ќе требаше да заврши зад решетки. Политичкиот азилант во Унгарија досега е осуден во три предмети, додека во случајот „Тенк“ кој се однесува на набавка на блиндиран „Мерцедес“ вреден 600 илјади евра, доби и првостепена пресуда на 2 години затвор.

Како нарачател на насилството во Центар, Судот го прогласи за виновен и го осуди на затвор од година и пол, а последната пресуда ја доби вчера за случајот „Плацевите на Водно“. Изречена му е казна од 7 години за криење имот, а одземени му се и вкупно 5 стана.

Во судското досие на Груевски фигурираат и три други случаи за кои се товари:

„ТИТАНИК“ – обвинет за изборни неправилности, злосторничко здружување, злоупотреба на средства за финансирање на изборната кампања во 2012 година и повреда на гласачко право.

„ТНТ“ – обвинет за злоупотреба на службената положба.

„ТРАЕКТОРИЈА“ – обвинет за примање награда за противзаконско влијание, но во овој случај на Груевски му е застарено кривичното дело.

Но, иако е во бегство, екс-премиерот будно ги прати судските случувања во земјава. Преку платформата Фејсбук постојано ги коментира одлуките и обвинувањата на негова адреса, иако смета дека сите предмети против него се политичка одмазда. Груевски од 2018 година е во бегство, а ниту една институција или функционер не презема одговорност за тоа.