Продолжува исплатата на средства за клиентите на „Алта банка“ АД Битола кои имаат отворени платежни сметки, но немаат платежни картички. Од денеска, покрај во Битола, граѓаните можат да подигнуваат готовина и во филијалите во Тетово и Струмица, со максимален износ од 20.000 денари.
Според Народната банка, во текот на денешниот ден во трите града биле извршени вкупно 750 исплати. Надлежните информираат дека постапката се реализира без застои, според предвидената динамика.
Дополнително, на шалтерите во Битола, Тетово и Струмица клиентите отсега можат да плаќаат сметки за комунални услуги и да ги подмируваат обврските по основ на кредити.
Во меѓувреме, зголемен е и неделниот лимит за користење на платежните картички на банката. Наместо досегашните 10.000 денари, клиентите од оваа недела можат да подигнуваат готовина и да вршат плаќања на продажни места до вкупен износ од 15.000 денари неделно.
Од Народната банка посочуваат дека внимателно ја следат состојбата и продолжуваат со мерките за постепено олеснување на ограничувањата за располагање со средствата.
Како што нагласуваат, главен приоритет останува обезбедувањето пристап на граѓаните до нивните пари и нормализирањето на платежните услуги.
