Жителите на селото Лакочереј по синоќешниот протест против групата „Лев Тахор“ денеска се сретнаа со градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков. Во текот на средбата, на жителите им било кажано дека 37 припадници на групата ќе останат во хотелот уште две недели, согласно договорот за сместување. Пецаков рече дека групата ќе си замине од земјава на 7 март, бидејќи им истекува дозволата за престој во Македонија, но и договорот со хотелот во кој се сместени. Вели дека ќе поразговара со членовите на „Лев Тахор“ да не се движат многу низ селото, а во градот ќе можат да доаѓаат само организирано и во придружба на полиција.
Мештаните велат дека текстовите што ги читаат на социјалните мрежи ги принудиле да побараат помош од државните органи, бидејќи како што додаваат, стравуваат дека „Лев Тахор“ е тука за да изврши некаква мисија.
Претставниците на Дебарско-кичевската епархија, пак, велат дека оваа група не преставува никаков ризик за верниците.
Инаку, групата „Лев Тахор“ која се состои од 37 припадници откако си замина од Куманово, беше сместена во Охрид. Вчера пред медиумите рекоа дека се плашат и дека во Северна Македонија дошле само како туристи за да посетат еврејски објекти, гробови и монументи. Во земјава влегле по легален пат и имаат дозвола за престој од 90 дена.
