Гугл ја загуби правната битка против казната од 4,1 милијарда евра на Европската Унија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Американскиот технолошки гигант Гугл ја загуби долгогодишната правна битка против казната од 4,1 милијарда евра, изречена од Европската Унија поради прекршување на правилата за конкуренција поврзани со оперативниот систем Андроид.

Судот на правдата на Европската Унија, највисоката судска инстанца на Унијата, ја отфрли жалбата на Гугл и неговата матична компанија Алфабет, оставајќи ја во сила одлуката со која се утврдува дека компанијата ја злоупотребила својата доминантна позиција на пазарот на паметни телефони преку Андроид, објави во четвртокот агенцијата Ројтерс.

Европската комисија првично му изрече казна на Гугл од 4,34 милијарди евра во 2018 година, откако утврди дека компанијата ги принудувала производителите на телефони со Андроид однапред да ги инсталираат Google Search, прелистувачот Chrome и продавницата за апликации Google Play, со што ја ограничувала употребата на конкурентските системи.

Во 2022 година, Општиот суд на Европската Унија ја намали казната на 4,1 милијарда евра, а таа одлука сега е и конечна.

Во својата пресуда, Судот наведе дека жалбата на Гугл и Алфабет се одбива, со што се потврдува санкцијата за злоупотреба на доминантната позиција во рамки на оперативниот систем Андроид.

Од Гугл реагираа дека пресудата не ги зема предвид инвестициите што компанијата ги направила за да го одржи Андроид како отворена, интероперабилна и бесплатна платформа.

Компанијата додаде дека уште од првичната одлука во 2018 година ги изменила своите договори за да бидат усогласени со барањата на европските регулатори и дека ќе продолжи да се фокусира на иновациите.

Во текот на последната деценија, Гугл се соочи со казни од речиси 11 милијарди евра од Европската Унија поради различни прекршувања на правилата за конкуренција.

По поразот во уште еден судски спор поврзан со услугата за споредба на цени, неколку компании покренаа тужби вредни милијарди долари во повеќе европски земји. Само еден ден претходно, шведски суд му наложи на Гугл да ѝ исплати околу 1,5 милијарди долари отштета на компанијата PriceRunner.

Се очекува Гугл да се соочи и со нови истраги и можни санкции во Европската Унија поради сомневања дека ги фаворизира сопствените услуги во резултатите од пребарувањето, како и поради практики поврзани со продавницата за апликации. Овие прашања се разгледуваат во рамки на Актот за дигитални пазари (Digital Markets Act) – закон на Европската Унија чија цел е да ја ограничи моќта на големите технолошки компании.