Шефот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ во интервју за ТВ21 истакна дека без обединета Европа, без стабилна Европа на целиот континент, Европа нема да биде геополитички конкурентен играч.
„Спрема тоа, ако Европа во едната своја соба на европскиот континент, се викала таа Западен Балкан или некоја друга соба има предиспозиции за перманентна нестабилност, претпоставувам дека тоа веќе сме го виделе, после таа нестабилност во деведесеттите години колку само пари беа вложени за стабилноста во регионот, колку ризик требаше да се направи за луѓето и Европската Унија кои преку разни воени или цивилни мисии беа а и понатаму се некои кои сакаат да помогнат на консолидацијата на Западен Балкан. Дали тоа треба постојано да го повторуваме јас мислам дека не, се надевам дека сме ја научиле лекцијата“, посочи Ѓукановиќ.
Тој смета дека не само во интерес на Западен Балкан туку е и од најголем интерес на Европа да се обединат.
„Единствено така, обединета Европа на идентичен систем на вредности може да обезбеди стабилност и може да ја обезбеди својата глобална конкурентност. Јас мислам дека тоа треба да се протолкува на европската јавност а не на некој начин да се избегнува за тоа да се разговара. Колку пати вие сте слушнале како и јас од Европската Унија, немојте сега да разговарате за проширување затоа што сега имаме национални избори, тоа не е тема која е благодарна за предизборно време. Мислам, тешко ми е навистина да прифатам таква логика, значи или сме сите Европјани, или сите припаѓаме на идејата за обединета Европа како геополитички конкурентен играч или треба да разговараме за тоа да можеби го редефинираме моделот што јас не мислам дека би било добро, но исто така не верувам дека е возможно со сегашната тактика да се зголеми уверувањето на европската јавност дека треба да се продолжи и заврши со политиката на проширување и обединување на Европа“, додава Ѓукановиќ.
