Тензиите на Блискиот Исток дополнително ескалираа откако САД извршија нови воздушни напади врз воени цели во Иран, а Техеран возврати со серија напади врз американски воени позиции и закани дека ќе го затвори Ормутскиот Теснец за извоз на нафта и гас.
Иранската Револуционерна гарда (ИРГЦ) соопшти дека со балистички ракети ја нападнала американската база во Јордан, повикувајќи го јорданскиот народ да побара отстранување на американските воени бази од земјата. Јорданските власти соопштија дека противвоздушната одбрана пресретнала четири ракети.
Во меѓувреме, ирански крстосувачки ракети погодиле два нафтени танкери на Обединетите Арапски Емирати во Ормутскиот Теснец. Во нападот загинал еден член на екипажот со индиско државјанство, а уште осум лица биле повредени, соопшти Министерството за одбрана на ОАЕ.
Иранската Револуционерна гарда потврди и напад врз американската воздухопловна база „Али Ал Салем“ во Кувајт, наведувајќи дека акцијата е одмазда за американските воздушни удари врз иранска територија. Кувајтската армија информираше дека четворица припадници на вооружените сили се повредени по погодок врз едно морнаричко пловило, но нивната здравствена состојба е стабилна.
Кувајтските вооружени сили соопштија дека пресретнале еден балистички проектил, пет крстосувачки ракети и 33 беспилотни летала насочени кон воени, инфраструктурни и цивилни објекти.
Во исто време, американските сили извршиле нови напади врз цели на иранскиот остров Кешм, кој има стратешко значење на влезот во Ормутскиот Теснец. Иранските медиуми јавуваат дека нападот бил насочен кон воени позиции на островот, додека американската Централна команда потврдила дека се спроведени нови операции против ирански цели.
Како одговор, Техеран порача дека Ормутскиот Теснец нема повторно да биде отворен и дека „ниту една капка нафта“ нема да ја напушти регијата сè додека траат американските воени операции. Заканата дополнително ги зголеми стравувањата од прекин на глобалното снабдување со нафта и ново продлабочување на кризата во регионот.
