Ѓукановиќ: Дојде до договор помеѓу Македонија и Грција, благодарејќи на исклучителната флексибилност на овдешната политика која е за секоја почит

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседателот на Црна Гора Мило Ѓукановиќ во интервју за ТВ21 истакна дека за среќа дошло до договор меѓу Македонија и Грција, благодарение на исклучителната флексибилност на овдешната политика која е за секоја почит.

„Знаеме дека едно од тие прашања долго време беше прашањето за интеграција на Македонија. За среќа дојде до договор во тој долгогодишен спор помеѓу Македонија и Грција, добивме решение сега со Северна Македонија благодарејќи на исклучителната флексибилност на овдешната политика која е за секоја почит. Сега повторно имаме застој поради односот со друга соседна земја, Бугарија. Но, треба да се забележи дека се уште дијалогот помеѓу Белград и Приштина е поблизок кон почетокот а не решението. И имаме сериозен проблем со имплементацијата на Дејтон и како последица на тоа ја имаме нефункционалноста на Босна. Значи, овие три проблеми за жал останаа да траат, останаа како незавршени проблеми од минатата криза. Во меѓувреме го добивме овој застој во политиката на проширување од страна на Европската Унија. И едното и другото преставуваа многу плодно тло за упад на трети страни, така да ние денеска имаме конкуренција на разни геополитички играчи во овој регион“, посочи претседателот Ѓукановиќ.

Тој смета дека многу очигледно единствената добра опција за Балканот е следењето на европскиот пат.

„Јас не сум апологет на Европската Унија. Ги гледам слабостите денес во Европската Унија,  кои ги гледаме сите дури со „голо око“, но тоа не ме колеба. Јас мислам дека треба да одиме кон членство во Европската Унија и како одговорни Европјани сите да придонесеме Европа да биде подобра, да биде појака, да биде по конкурентна на глобалната сцена затоа што јас за жал не гледам алтернатива, не гледам дека нешто сериозно се појавува како алтернатива на овој пат. Јас мислам за жал дека за разлика од овие други играчи го користат тој вакум на Западен Балкан. Западен Балкан всушност вообичаено, традиционално се користи како тло за конфликт помеѓу Истокот и Западот, за жал со тешки колатерални последици за нас кои живееме на Западен Балкан. Како што знаеме, ние веќе долго заостанавме низ историјата, не ни треба дополнително заостанување, не ни требаат дополнителни илузии, не ни требаат тие кои и понатаму ќе манипулираат со нас и кои ќе ни го трошат времето. Јас мислам дека мораме да покажеме зрелост ние кои овде живееме да кажеме не на тоа, тие политички игри нас не не интересираат, ние сме географски дел од Европа, ние сме историски дел од Европа, ние сме цивилизациски и културолошки дел од Европа, ги гледаме слабостите на Европа но мислам дека тие слабости треба да ги отстраниме низ процесот на нашето приклучување. Значи да ги исполниме условите да се придружиме, а потоа како интегрален дел на Европа да допринесеме во отстранувањето на тие слабости и подобра конкурентност на Европа. Јас мислам дека тоа е навистина, нема да кажам единствен, јас не сакам да говорам од само еден единствен пат, но убедливо најдобар пат, убедливо најдобар избор за сите нас на Западен Балкан“, посочи Ѓукановиќ во интервју за ТВ21.