Ѓукановиќ: Најдобриот пат за сите земји од Западен Балкан е целосна европска и евроатланска интеграција

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ во интервју за ТВ21 истакна дека најдобриот пат за сите земји од Западен Балкан е целосна европска и евроатланска интеграција.

„Јас мислам дека токму тоа се причините за нашите заостанување во економскиот и демократскиот развој, што долго време не сме се вклучиле во матичниот тек на развој на современата европска цивилизација. Добро сте забележале дека често се јавуваат одредени проблеми, јас мислам дека тие проблеми во значајна мера се генерирани поради замаглување на јасната и предвидлива европска перспектива за сите земји од Западен Балкан. Континуирано ги предупредувам нашите европски партнери дека мора да посветат повеќе внимание на геополитичкото значење на Западен Балкан. Значи, да не заборавиме на нашите обврски дека мораме да ги реализираме тешките реформи за да ги достигнеме европските стандарди и да на тој начин се квалификуваме за членство во Европската Унија. Но се чини дека голем дел од тој застој е генериран најпрво од заморот, па потоа од таа неодлучност на Европската Унија околу продолжувањето на една многу успешна политика, политиката на проширување“, посочи Ѓукановиќ.

Тој смета дека политиката на проширување била една од најуспешните политики на Европската Унија, но за жал кога на дневен ред дошло проширување на Европската Унија на просторите од Западен Балкан, следувало застој.

„Јас мислам дека тој застој отвора простор за упаѓање на трети страни, за жал тие трети страни настапуваат со платформи кои се спротивставени на суштинските европски интереси и тоа носи дополнителна конфузија во политиките на државите од Западен Балкан. Како што гледате сега ние за жал сме сведоци на обновени идеи за редефиниција на Балканот. Значи тие се идеите од почетокот на деведесеттите години кога на сцената беа идеите за формирање на три големи држави на Западен Балкан, тие три големи држави не настанаа, но настана голема трагедија која однесе околу 150 илјади човечки жртви. Верувавме дека од тоа извлековме доволно поуки, за жал како што гледате сега тие идеи се обновуваат, а нашето убедување е дека тоа е всушност последица на застојот на политиката на проширување. Затоа што ние мислиме кога тој пат за земјите од Западен Балкан кон Европската Унија би се направил прооден врз основа на заслугите кои сами ќе ги оствариме преку реализирање на реформите во своите земји за да со тоа оставиме малку простор за упад на антиевропски политики во нашиот регион“, посочува претседателот на Црна Гора во интервју за ТВ21.