Гувернерот Славески: Барањата за зголемување на минималната плата од ССМ се несериозни

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) организира протест со барање минималната плата да се зголеми за 50%, а сите други плати за по 6.000 денари, што, според гувернерот Трајко Славески, претставува несериозен и популистички пристап.

Славески на мрежата „Икс“, истакна дека согласно Законот за минимална плата, износот на минималната плата во март ќе се зголеми според законски утврдена формула и праг од 57% од просечната плата, што е значително над препораките на Меѓународната организација на трудот (40%) и на ЕУ (50%). Според него, Македонија е светски рекордер во односот минимална/просечна плата.

Гувернерот додаде дека барањето на ССМ се темели на анкета спроведена меѓу нивното членство, но тоа не е начин на кој се преговара за зголемување на плати со организациите на работодавачите. Преговарањето, според Славески, треба да се базира на стандардни критериуми: зачувување на куповната моќ на платите, раст на економијата и учество на трудот во распределбата на продуктивноста.

„Просечната плата во земјава минатата година порасна номинално за 9,2%, а реално за 5,1%. Очекувањата за инфлацијата оваа година се до 3%“, посочи Славески, додавајќи дека барањата на ССМ се несериозни и неосновани, поддржани од популистички мотиви.

Гувернерот апелира дека системските решенија за раст на платите треба да се темелат на разум, економски показатели и долгорочна стабилност, а не на поединечни анкети и политички притисоци.