Криптопазарот се соочува со еден од најголемите безбедносни скандали досега, откако најголемата криптоменувачница во светот, „Бинанс“, беше мета на хакерски напад во кој, според објавените информации, биле украдени криптовалути во вредност од околу 6,3 милијарди долари.
Од вкупната сума, околу три милијарди долари веќе се замрзнати, додека од „Бинанс“ уверуваат дека ќе ги покријат сите настанати загуби.
Компанијата за анализа на блокчејн-трансакции „ТРМ Лабс“ го поврзува нападот со хакерска група од Северна Кореја, за која се сомнева дека е поддржана од државата. Сепак, засега нема официјална потврда за одговорноста на оваа група.
Доколку се потврди обемот на кражбата, станува збор за најголемиот хакерски напад во историјата на криптовалутите.
Претходниот рекорд беше забележан во февруари 2025 година, кога од криптоберзата „Бајбит“ беа украдени криптовалути во вредност од околу 1,5 милијарди долари. И за тој напад беа обвинети хакери од Северна Кореја.
