Хамиди: Не сме буџетари – раководството на М-НАВ ја отфрла аферата „Паразити“ на ВМРО-ДПМНЕ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Тенденциозни се квалификациите што се изнесени во јавноста дека со нашите плати го оштетуваме буџетот, бидејќи ние не се финансираме од државната каса туку од средства кои ги добиваме за вршење на контрола на летови. Од вкупната сума одат 68 проценти на нашите плати но иако се најмали во регионов тоа се плати според меѓународните стандарди. Ова го изјави Фахрудин Хамиди, еден од извршните директор на М-НАВ за кој опозициската ВМРО-ДПМНЕ во аферата Паразити ги објави платите на раководството на Македонска навигација. Хамиди уште додаде дека платите сега им се поголеми за 30 посто, поради тоа што се враќа процентот што го намалиле за време на кризата со пандемијата. 

„Укажуваме дека ние не сме корисници на Буџетот на Република Северна Македонија, туку ги користиме сите приливи што ни доаѓаат согласно Договорот што е со Еуроконтрол.  Мојата плата беше обзнанета во јавност, таа е моментална поради фактот дека од септември и октомври ги враќаме платите кога М-НАВ имаше тешка финансиска ситуација и во септември и октомври се исплатени 30 посто од намалените плати за 2021 година“, вели Фахрудин Хамиди.

Хамиди уште додава и дека покрај за платите и средствата потребни за инвестиции се обезбедуваат од Еуроконтрол за извршените контроли на прелетите, а исто така сами финансираат и за обука на нов кадар. Во однос на изнесените информации дека имало обиди како контролори за летање да влезат партиски кадри наместо оние со најдобри бодови, тој негира и вели дека избрани се кандидатите кои се покажале најдобри на тестовите.

„Вчера ги потпишавме договорите за вработување на најдобрите осум рангирани студенти кои што ќе се пратат на обука. Ние вчера добивме од данската компанија кој што беше избран преку меѓународен тендер дека ќе почнат со школувањето при крај на овој месец“, додава Фахрудин Хамиди.

ВМРО-ДПМНЕ преку аферата Паразити обвини дека раководството на М-НАВ нарекувајќи ги владини функционери добивале месечна плата од 345 илјади денари.