Хаос во Скопје и Куманово по силното невреме: Оштетени кровови, паднати дрвја и над 1.000 повици за помош

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Силно невреме проследено со олуен ветер попладнево предизвика голема материјална штета и хаос во Скопје и Куманово, а надлежните служби веќе евидентирале над 1.000 повици за помош.

Според информациите од Центарот за управување со кризи (ЦУК), Единствениот број за итни повици 112 е преоптоварен со пријави од загрижени граѓани кои пријавуваат штети од паднати дрвја, откорнати кровови и оштетени возила.

Откорнати покриви од згради и училиште

Меѓу потешките инциденти во Скопје е пријавена падната кровна конструкција од зграда на улицата „Женевска“ бр. 10, која при падот оштетила повеќе паркирани возила. Слична штета е регистрирана и на улицата „Трифун Бузев“, каде исто така е откорнат покрив од зграда.

Ветарот направил штета и на јавен објект — дел од кровната конструкција на основното училиште „Владо Тасевски“ бил целосно откорнат.

Паднати дрвја, уништени автомобили и прекинати кабли

Поради јачината на ветарот, паднати дрвја се регистрирани на повеќе локации низ главниот град:

На улицата „Методија Митевски“ дрво паднало директно врз моторно возило.

Инциденти со паднати дрвја има и на улицата „Никола Тримпаре“, како и на „Хелсинки“ бр. 5, каде се паднати две дрвја.

Драма се случувала и на улицата „Скупи“ бр. 89, каде паднати дрвја отштетиле електрични кабли, патничко возило, а зафатиле и дел од приватна куќа.

Штети регистрирани и во Куманово

Невремето не го заобиколи ниту Куманово, каде на булеварот „Октомвриска револуција“ е пријавена исто така падната кровна конструкција.

Како што извести директорот на ЦУК, Мухамед Али, за сите пријавени случаи веднаш се известени надлежните служби. Сите екипи се веќе излезени на терен и интензивно работат на расчистување на теренот, отстранување на паднатите дрвја и санација на последиците.