Институтот ИНСИ од Косово го анализираше хаосот во сообраќајот во Тетово, односно критичните точки во градот. За оваа цел се подготвува студија за мобилност, а истиот институт паралелно работи и на генералниот урбанистички план. Според нив, студијата за мобилност има за цел да го намали сообраќајниот метеж.
„Анализата на состојбата покажува дека постои пренатрупаност, било на крстосници, било на паркинзи или зонски паркинзи. Неспроведувањето на генералниот план и други фактори кои се идентификувани, додека во блиска иднина ќе се дадат насоки кои по одобрување на документот ќе бидат со обврзувачки карактер за Тетово.“, вели Исмет Баќари, директор на ИНСИ.
Градоначалникот на Тетово, Билал Касами, вели дека со овој план за мобилност ќе се преземат конкретни чекори кон понатамошни решенија.
„Она што е важно е дека сме во првата фаза, каде што денес беа презентирани наодите што произлегуваат од целата оваа почетна анализа, со кои ние всушност живееме, но сега се претставени со бројки и статистики кои произлегуваат од досегашната анализа, базирана на научна методологија и најмодерни софтвери што постојат“, рече Билал Касами.

Ова не е првпат градоначалникот на Тетово да се обиде да најде решение за сообраќајниот хаос во градот. Во јануари 2022 година тој вети паркинг за секое возило со план кој не беше спроведен. Потоа плати студија за приватизација на зонското паркирање, но и овој план не влезе во функција. Пред неколку месеци, заедно со министерот за внатрешни работи, го презентираа проектот „Безбеден град“, кој речиси не донесе никакви резултати.
