Претседателот на огранокот на ДУИ во Гостивар, Башким Хасани денеска во Основниот суд поднесе тужба за клевета против градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари. Хасан го тужи Таравари за една објава на социјалните мрежи и бара отштета од 250 илјади денари.
„Ја овластив адвокатката Арта Хајдари Имери да покрене кривична пријава за клевета против градоначалникот, Арбен Таравари, кој без никаков доказ и аргумент објави моја слика во неговиот фејсбук профил и без никаков аргумент ме обвинува за, божем, моето учество во нелегална активност која била спречена од државната полиција, акција која е за поздравување. Таквото обвинување на градоначалникот не можам да го разбирам, обвинување преку политичките партии и политичките актери, но не можам да го сфатам тој акт на Таравари. Гостивар е мало место каде сите се познаваме и знаме што и како работиме“, истакна Башким Хасани.
Од друга страна Таравари го иронизира Хасани. Вели дека мислел дека Хасани отишол во суд за да праша за Бобан Илиќ.
„Јас помислив дека ќе одат во Обвинителство за случајот на Киче или зошто е ослободен или за Бобан Илиќ кого го амнестираат, но не за мене. Го потсетувам претседателот на огранокот на ДУИ во Гостивар дека пред 2 години во автомобилот на неговиот брат беа пронајдени наркотици. Јас јавно го прашувам до каде е случајот кога во автомобилот на неговиот брат беа пронајдени наркотици, второ, сакам да го прашам за случајот кога беа фатени еден тон анфитамин во скопскиот аеродром“, истакна Арбен Таравари.
Инаку Таравари на 17 декември на фејсбук објави вест со наслов „Шоферот на Невзат Бејта и лице близок со Арафат Мухареми фатени со 100 килограми дрога“. На сликата на веста беше Башким Асани.
