Веќе седум дена е активен пожарот на Галичица, а со цел негово гасење, денеска се вклучуваат и хеликоптерите, јави Центарот за управување со кризи.
Ваквата одлука доаѓа по состанокот на Кризниот штаб на кој учествуваа претставници од НП „Галичица“, ЦУК, Дирекцијата за заштита и спасување, Територијалната противпожарна единица од Охрид, и градоначалникот Константин Георгиевски.
„Со промена на ветерот пожарот се прошири према подолните падини и западниот дел на планината Галичица, од преку 2.200 метри надморска височина се спушти на 1.600 метри, со што се создадоа услови да може да се делува со воздухоплови. Ангажирани се хеликоптери, кои веќе се на пат и во попладневните часови ќе се врши гасење на пожарот од воздух. На состанокот се донесе и заклучок утре во раните урински часови да се делува со човечка сила, со околу 40 луѓе кои ќе се на терен и паралелно ќе се делува и со гасење на пожарот од воздух“, рече Георгиески.
Претходно денеска, директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов на прес-конференција кажа дека теренот каде гори пожарот на Галичица е непријатен и критичен за пешадиско гаснење и гаснење со хеликоптери, поради големиот број на експлозивни средства и направи. Тој рече дека голем број гранати, куршуми и разни други експлозивни средства се наоѓаат и по сртот каде почна пожарот и се протегаат до подножјето на шумата.
