Контрола во компанија за одгледување медицински канабис во струмичкиот регион открила недостиг од речиси осум тони сув цвет од медицински канабис. За утврдената количина, компанијата немала соодветна документација со која би ја докажала и оправдала.
Според соопштението на МВР, контролата ја извршиле полициски службеници од СВР Струмица, во соработка со претставници на надлежната комисија при Министерството за здравство.
При контролата на просториите во кои се чувал медицинскиот канабис биле утврдени и други неправилности, меѓу кои недостиг на документација за ангажираниот персонал и на други задолжителни документи.
„При извршена контрола во простории на правното лице каде што бил складиран сувиот цвет од медицински канабис, полициски службеници од СВР Струмица и службени лица од надлежната комисија при Министерството за здравство утврдиле дека има недостаток на документација поврзана со ангажираниот кадар, недостаток на друга задолжителна документација, како и недостаток на 7813,49 килограми сув цвет од медицински канабис, а за која количина пријавеното правно лице не располагало со соодветна документација и покритие“, се наведува во соопштението на МВР.
За случајот, СВР Струмица поднело кривична пријава против правно лице со седиште во селото Борисово, Општина Ново Село, како и против раководителот В. К., од селото Ново Село, кој живее во Струмица.
Тие се осомничени за кривични дела согласно член 95-в, ставови 1 и 2, од Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции.
