Хоџа: Работиме на трајни решенија за намалување на аерозагадувањето

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерот за животна средина и просторно планирање, Мухамед Хоџа, истакна дека Министерството и Владата се посветени на изнаоѓање трајни решенија за еколошките предизвици во државата, со посебен фокус на аерозагадувањето.

Според Хоџа, квалитетот на воздухот е прашање што ги засега сите граѓани, бидејќи загадувањето претставува еден од најсериозните еколошки предизвици со кои се соочуваат македонските градови.

Тој посочи дека веќе се спроведуваат активности предвидени во плановите за справување со загадувањето. Како дел од тие активности, во изминатиот период бил реализиран краткорочниот план, додека институциите паралелно работат на исполнување на обврските што произлегуваат од долгорочниот план.

„Овој проблем може да се решава само преку добри планови, ефикасни мерки и координирана работа на сите надлежни институции“, нагласи Хоџа.

Министерот додаде дека целта е системски да се адресираат причините за загадувањето и да се постигне значително намалување на нивото на загаденост на воздухот, со што ќе се обезбеди поздрава и поквалитетна животна средина за граѓаните.