Министерот за животна средина и просторно планирање, Мухамед Хоџа, во интервју за ТВ21 за време на Македонскиот енергетски форум МЕФ 2026 – еден од најголемите настани во сферата на климатските промени и енергетиката во регионот, вели дека државата располага со јасно дефинирани планови и обезбедена финансиска рамка за спроведување на мерките за намалување на аерозагадувањето.
Според него, значајна улога во реализацијата на предвидените активности имаат меѓународните партнери и Европската Унија, преку поддршка на проекти насочени кон подобрување на квалитетот на воздухот и воведување поеколошки решенија во јавниот сектор.
„Плановите за справување со аерозагадувањето се јасно дефинирани и се поткрепени со соодветна финансиска рамка, што овозможува нивна ефикасна реализација.
Значајна поддршка во спроведувањето на предвидените мерки и проекти обезбедуваат и меѓународните партнери, кои активно учествуваат во реализацијата на активности насочени кон намалување на аерозагадувањето и подобрување на квалитетот на воздухот.
Меѓу позначајните иницијативи се проектите што се реализираат со поддршка на Европската Унија, меѓу кои е и замената на постојните системи за греење во државните институции со поеколошки и поефикасни решенија.
Покрај оваа активност, во тек се и низа други проекти и мерки чија цел е долгорочно намалување на загадувањето и создавање поздрава животна средина за граѓаните“, вели Хоџа.
