Холандија е разочарана од Бугарија – европските лидери во поддршка на проширувањето

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Македонија и Албанија заслужија да ги почнат пристапните преговори со Европската унија, порача хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ. Тој ја даде целосната поддршка на Хрватска за проширувањето на Унијата со земјите од Западен Балкан.

„Важно е да се продолжи процесот на преговори, да дојдеме во ситуација што побрзо да се отворат пристапните преговори и со Северна Македонија и со Албанија, сметаме дека тие две земји тоа го заслужиле и ние на тој пат ги поддржуваме. Хрватска е една од оние земји кои се за проширување на Европската унија, која е членка која последна влезе во Европската унија и тоа свое искуство и целосно уверување дека тоа е единствениот прав пат за развој на нашите соседи тоа денеска силно ќе го повториме“, истакна Андреј Пленковиќ.

Австрискиот канцелар Себастијан Курц порача дека земјите на Западен Балкан ни се блиски не само историски и географски, туку и економски.

„Доколку Европската унија не им понуди јасна перспектива на овие земји, тогаш треба да ни биде јасно дека други суперсили како Кина, Русија или Турција ќе играат уште поголема улога. Овој регион географски и припаѓа на Европа и потребна му е европска перспектива“, посочи Себастијан Курц.

Иако Холандија се смета за земја која не е За проширувањето, сепак нејзиниот премиер Марк Руте вели дека не е задоволен од фактот што Бугарија ја блокира Македонија на патот кон Европската унија. Тој ова го изјави пред почетокот на Самитот за Западен Балкан во Брдо кај Крањ.

„Мислам дека ќе треба да се почекаат изборите во Бугарија. Јас навистина не сум среќен со фактот дека пристапните преговори со Северна Македонија се уште се блокирани. Мислам дека тие треба што поскоро да ги деблокираат. Се надевам дека тоа ќе се случи по изборите во Бугарија и ние ќе сториме се што можеме за тоа да се случи“, вели Марк Руте.

За важноста на приемот на Западен Балкан во Европската унија зборуваше премиерот на Словачка Едуард Хегер.

„Западен Балкан е многу важен за проширувањето на Европската унија и јас мислам дека фактот што се обезбедени 9 милијарди, 7 оваа година плус уште две, е показател дека ова е многу важен дел на Европа и многу е важно да одиме во оваа насока“, посочи Едуард Хегер.

Самитот посветен на Западен Балкан се случува откако претходно Словенија која е претседавач со Унијата до декември годинава,  директно побара од Европската унија земјите на регионов да бидат примени до 2030 година.