Христова Заевска: Македонија е меѓу лидерите во регионот во обновливите извори, но клучен предизвик останува електроенергетската мрежа

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Македонија во последните години направи значителен исчекор во енергетската транзиција и денес е препознаена како една од најамбициозните земји во Западен Балкан во процесот на декарбонизација и развој на обновливите извори на енергија. Ова го истакна Олимпија Христова Заевска, експерт за зелени финансии, во емисијата „Бизнис21“ на ТВ21.

Таа нагласи дека амбициозните национални цели за намалување на емисиите на стакленички гасови и преминот кон чиста енергија ја направиле Македонија атрактивна за меѓународните финансиски институции и инвеститорите.

„По Парискиот договор капиталот почна сè повеќе да се насочува кон чисти технологии. Македонија испрати јасен сигнал преку своите национални планови за енергетика и клима и токму затоа доби силна поддршка од меѓународните финансиски институции како Европската банка за обнова и развој, Европската инвестициска банка и Светската банка“, рече Христова Заевска.

Според неа, резултатите од тие политики веќе се видливи. Таа посочи дека инсталираниот капацитет на соларни електрани пораснал од околу 30 мегавати во 2020 година на приближно 1.200 мегавати во 2025 година, што претставува раст од над 3.000 проценти.

„Македонија навреме ја препозна потребата од инвестиции во обновливите извори на енергија. Тоа не беше само прашање на климатски политики, туку и на енергетска сигурност, бидејќи нашите резерви на јаглен се ограничени и мораме побрзо да ја реализираме енергетската транзиција“, истакна таа.

Христова Заевска оцени дека и покрај актуелните геополитички предизвици, земјата не ја започнува транзицијата од почеток, туку веќе располага со искуство, знаење и значителен инсталиран капацитет, што ја става во подобра позиција во однос на дел од земјите во регионот.

Таа потсети и на анализите кои покажуваат дека Македонија располага со потенцијал од околу 11 гигавати обновливи извори на енергија на земјишта што не се обработливи и не се наоѓаат во заштитени подрачја.

„Имаме простор за нови инвестиции, особено преку стратешко искористување на поранешните рударски површини за изградба на енергетски капацитети. Денес веќе не се размислува само како да се привлечат инвестиции, туку како тие да донесат долгорочен бенефит за домашната економија и граѓаните“, нагласи експертката.

Како еден од најголемите предизвици, Христова Заевска ја посочи потребата од модернизација на електроенергетската мрежа. Таа истакна дека се работи на нови интерконекции со Албанија, на зајакнување на преносната инфраструктура и на изработка на стратешки планови за развој на мрежата.

„Имаме јасен стратешки план, но останува најважниот чекор – како постепено и безбедно ќе го замениме производството од јаглен со нови извори на енергија, без да се наруши енергетската сигурност на државата“, заклучи Христова Заевска.