„И 10.000 евра плата да им дадете, пак ќе крадат“ – Туфегџиќ: Во правосудството има мала група со длабоко вкоренет криминален менталитет

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Адвокатот и поранешен судија Владимир Туфегџиќ во емисијата Трилинг остро говореше за состојбите во македонското судство, оценувајќи дека клучниот проблем не е системскиот недостаток на плати, туку постоењето на мала, но влијателна група луѓе со изразен криминален менталитет.

Туфегџиќ најпрво ја поздрави работата на Јавното обвинителство во борбата против корупцијата и повика на поширока општествена одговорност, особено кај оние кои работат во правосудниот систем – судии, јавни обвинители и адвокати.

Тој нагласи дека без поддршка за обвинителството не може да има суштински напредок во расчистувањето на коруптивните појави.

Говорејќи за актуелни предмети, меѓу кои и случајот со судијата Ѓоко Ристов, во кој беа пронајдени 350.000 евра заѕидани во ѕид во куќата на неговите родители, Туфегџиќ потенцираше дека не сака да навлегува во конкретна правна анализа, повикувајќи се на почитување на пресумпцијата на невиност.

Сепак, според него, ваквите случаи мора да отворат суштински прашања за тоа против кого всушност се води борбата против корупцијата.

„Ние мора прецизно да ја идентификуваме малата група на луѓе кои се таргетот на оваа борба. Станува збор за лица со криминоген менталитет, кои и со 10.000 евра плата би продолжиле да го прават истото“, истакна Туфегџиќ.

Тој оцени дека овие луѓе не делуваат изолирано, туку активно регрутираат и мобилизираат истомисленици меѓу судиите, јавните обвинители, адвокатите, па дури и во полицијата, создавајќи мрежа за меѓусебна заштита и логистика.

Според Туфегџиќ, токму оваа мала група е главниот извор на недовербата на граѓаните во судството. „Тие ги реметат нормалните текови, вршат притисок врз чесните судии и создаваат атмосфера во која се носат одлуки од страв, а не врз основа на аргументи и право“, нагласи тој.

На крајот, Туфегџиќ повика на јасна стратегија, методологија и пристап од страна на Републичкото јавно обвинителство, со цел прво да се идентификува суштинскиот проблем, а потоа системски да се расчисти криминалното јадро кое, како што рече, со години го подрива кредибилитетот на правосудниот систем.