Алијансата за Албанците, крилото на Арбен Таравари, поднесе претставка до Уставниот суд за Законот за прекршоци, со чии измени беше овозможено да стапи на сила „Safe City“.
Претходно, претставка до Уставниот суд за истото прашање поднесе и Алијансата за Албанците, крилото на Зијадин Села, кој при поднесувањето, повикувајќи се на најавата на АА–Таравари, изјави дека „сериозните прашања не треба да се оставаат во рацете на несериозни луѓе“. На ова денеска одговори пратеникот на АА–Таравари, Халил Снопче.
„Не е важно кој ја поднесува жалбата, важно да биде поништена, бидејќи сметаме дека е спротивна на Уставот. Член 9 од Уставот гарантира еднаквост на сите граѓани. Примената само во три града претставува нерамномерна и неуниформирана распределба. Што се однесува до изјавата на Зијадин Села, не сакам да коментирам, но нормално, сериозноста се гледа во Парламентот. На говорницата во Парламентот, пратеникот Ријад Шакири најави дека ќе поднесеме жалба. На денот кога се гласаше законот, пратеникот Шакири најави, а Зијадин Села не беше присутен во Парламентот.“, рече Халил Снопче.
Покрај претставките на двете крила на АА, по истото прашање претставка поднесе и Јили Пачуку, во свое име и како студент по право, но истиот е и новоизбран член на Генералниот совет на ДУИ.
Уставен суд по овие две претставки веќе формираше предмет по кој ќе одлучува.
Инаку, системот „Safe City“ ќе започне со примена од 1 февруари, најпрво само во три града – Скопје, Тетово и Куманово, како и на Коридорите 8 и 10. Надлежните институции најавија дека во текот на 2026 година се предвидува системот да започне да функционира на целата територија на државата, но сè уште нема конкретен датум кога ќе започне во останатите градови.
