И декември неизвесен за преговорите, Бугарија повторно ќе ја блокира Македонија?

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Остана уште 7 дена до следната одлука на Европскиот совет за започнување на преговорите со Северна Македонија и Албанија.
Се уште е нејасно што може да се случи по една недела. Германската канцеларка Ангела Меркел, чија земја претседава со ЕУ, вели дека се уште се „борат“ за започнување на преговорите.

„Се соочуваме со тешкотии за да ја одржиме првата меѓувладина конференција со Северна Македонија. Албанија направи голем прогрес, но прашањето е дали ќе успееме навреме со Северна Македонија, откако се уште постои потребата од преговори меѓу Бугарија и Северна Македонија.“, рече Меркел.

Зборувајќи за Албанија, Меркел рече дека и покрај прогресот не може да вети дека годинава ќе почнат преговорите. Канцеларката Меркел ова го кажа на денешната видео конференција со ЕП. Го истакна големото внимание кон Западен Балкан, додавајќи дека се уште „има тензии, но има и прогрес“.

Амбасадорите на земјите членки на ЕУ и денеска се сретнаа во Брисел за да ги разгледаат заклучоците кои треба да се усвојат на 8 декември, а се очекува министрите повторно да се сретнат в среда.

Следната средба на Советот на министрите за надворешни работи на ЕУ, ќе се одржи на 7 декември.

Големи се шансите Бугарија повторно да стави вето за Северна Македонија поради историските спорови, доколку евентуално неделава не се постигне договор меѓу странките.

Од друга страна, Албанија можеби нема да ги почне преговорите поради неисполнување на одредените услови, усвојување на Законот против клевети и комплетирање на Уставниот суд.

Доколку двете земји не ги почнат преговорите, следниот Совет на ЕУ ќе се одржи во март, кога со ЕУ ќе претседава Португалија.