Последниот извештај е еден од најдобрите досега, коментираше премиерот Христијан Мицкоски по најновиот извештај на Европската комисија за владеењето на правото во кој се наведени забелешки во однос на независноста на судството. Премиерот Мицкоски вели – да има критики но јас нема да престанам да коментирам за состојбите, колку сака извештаи нека се објавуваат. Во делот на забелешките наведени во извештајот дека треба да им се даде поголем буџет, Мицкоски вели- пари нема да добијат повеќе.
-Мене ми е тоа работа да јас јавно ги повикувам судиите и обвинителите да испорачаат правда и ќе продолжам во таа насока да коментирам колку сака извештаи нека се објавуваат . Да, ќе продолжам додека не видиме напредок во испораката на правдата. Тоа е прво, второ, пари повеќе нема да добијат, пари нема да добијат, иако се бара и во Законот за јавно обвинителство да се стави сума од 0,5% од Буџетот. Нема да добијат затоа што не ги заслужиле, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Остри реакции од опозициската СДСМ, велат дека во извештајот јасно и недвосмислено се нотира мешање и притисок врз судството и обвинителството од страна на претставници на власта, дека нема реформи и има широко распространета корупција и проблематични тендери. Портпаролката на партијата Богданка Кузеска наведе примери за кои рече дека го потврдуваат мешањето на власта.
-Ова не е општа критика, ова е директна дијагноза за состојбата во која се наоѓа правосудниот систем во Македонија под актуелната влада на ВМРО-ОКГ. Изборот на новиот државен обвинител беше јавно најавуван и управуван од самиот премиер Мицкоски преку телевизиска емисија што е директна повреда на уставната независност на обвинителството. Мицкоски јавно дискредитираше обвинителка со навреди како „медиокритет“ покажувајќи дека нема намера да ја почитува волјата на професионалните тела, туку сака да наметне свои кадри, изјави Богданка Кузеска, портпарол на СДСМ.
Во Извештајот на Европската комисијата главните критики се насочени кон политичкото влијание и недоволната имплементација на антикорупциските мерки, при што јасно се потенцира дека независноста на судството во Македонија е загрозена од притисоци и мешање на други државни инстанци. Воедно во Извештајот се проблематизира и начинот на кој беше разрешен поранешниот јавен обвинител Љупчо Коцевски.
-Мешањето и притисокот од другите државни гранки продолжуваат да предизвикуваат сериозни загрижености во врска со почитувањето на судската независност. Независноста на судството и автономијата на Обвинителството се поткопани од недоволна буџетска распределба, Постапката за разрешување на главниот обвинител откри ризик од политизација и недостатоци во правилата за разрешување, се вели во Извештајот на Европската комисија.
Како генерален заклучок во Извештајот се наведува дека ефикасноста на правосудниот систем продолжува да опаѓа и дека перцепцијата на судската независност во земјава останува многу ниска.
