Општина Тетово се уште не започнала со чистење на реките иако најпогодна сезона за чистење е во периодот кога водостојот е низок. Од општината велат дека тендерот за чистење на реките е веќе завршен, а најпроблематична е таа во Порој која има наноси од камења и песок.
„Сега е и време и момент да се исчистат речните корита на територијата на општина Тетово, прво ќе започнеме со коритото во Порој, бидејќи сметаме дека има поголем наплив на кал отколку во другите делови на градот, прво ќе влеземе таму, па потоа во други делови од градот каде што сметаме дека ќе има потреба.“, рече Мемет Јонузи од секторот за градежно земјиште и патишта.
Јонузи вели дека во програмата на општина Тетово е предвидено чистење на пет реки и за оваа намена се издвоени 850 илјади денари, средства кои според него нема да бидат доволни.
-Со овој договор имаме предвидени 857 илјади денари и во текот на оваа година размислуваме да направиме уште еден ребаланс за да направиме уште еден договор за покривање на другите работи што ќе се појават-вели Јонузи.
Нечистењето на реките, но и неуредувањето на коритата предизвикува излевање на повеќето реки и создавање поплави. Најпроблематични што предизвикуваат поплави се реката Пена, реката во Порој но и во Голема Речица.
