И ова лето Струга и селата без вода за пиење – од „Водовод“ велат жителите ја користат водата за наводнување

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Струшките села секоја година во текот на летната сезона се соочуваат со недостиг на вода за пиење. Јули и август се најтешките месеци за жителите на Струга и околните места. Кога доаѓаат печалбарите, уживаат во езерските води, но мака мачат со водата за пиење.

„Имаме проблеми, особено кога доаѓаат печалбарите. Во јули и август е најголем проблем. Имаме голем проблем со водата. Печалбарите доаѓаат на одмор, а тие се соочуваат со проблем“.

Н: Имате ли проблеми со водата?

„Да, во последно време имаме, особено од јули до септември…“

„Неколкупати имавме проблеми и со струјата, имаше прекини во снабдувањето. Не ни кажуваат зошто, само ќе ја прекинат“.

Од Јавното претпријатие „Водовод и канализација“-Струга, велат дека овој проблем настанува поради злоупотреба на водата за наводнување и полнење бунари. Преку допис, известија дека формирале и работна група која секој ден е на терен со цел да утврди кој ја злоупотребува водата за пиење.

„Ве известуваме дека, при секојдневната акција за откривање случаи на злоупотреба на вода, екипи на претпријатието во соработка со надлежните општински инспектори, открија повеќе вакви случаи, како во градот Струга, така и во некои села како: Тефериќ, Шум, Заграчани,Радолишта. Акцијата ќе продолжи и во наредните денови. За корисниците кај кои се докажани случаи на злоупотреба на вода, ќе се преземат законски мерки, согласно Законот за снабдување со вода за пиење и Кривичниот законик“, велат од ЈП „Водовод и канализација“.

ТВ21 и минатата година известуваше за проблемите со водата за пиење во струшко. Тогаш од Јавното претпријатие велеа дека ќе ги менуваат дотраените со нови и поголеми цевки, со кои, како што уверуваа, ќе се реши проблемот со водата во Струга. Но, состојбата и понатаму е непроменета.