По вчерашното поврзување на Македонија со Европската унија, денеска веќе се започнува со инфраструктурно поврзување преку започнување на изградба на пруги на Коридорот 8 и реконструкција на Коридорот 10. Вака помпезно вицепремиерот за економија Фатмир Битиќи ги најави работите на овие два важни паневропски коридори, за кои веќе со децении наназад слушаме само дека ќе има почеток на работите.
„Ова ќе ги опфати сите важни инфраструктурни патни и железнички правци во нашата држава. Проекти за кои се зборува години наназад, секако денеска почнуваат да се реализираат. Вложувањето во подобрена и одржлива инфраструктура е неопходност за постигнување на развојните економски цели. Низ годините наназад не е тајна дека сме се соочувале со предизвици при реализација на големи инфраструктурни проекти како овие. Важно е да учиме од грешките за да напредуваме“, вели Фатмир Битиќи.
Коридорот 8 кој значи железничко поврзување со Бугарија е проект кој беше најавуван од неколку влади изминативе децении, но досега не беше преземено ништо. Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски рече дека за овој проект се подготвувале 10 месеци и очекува негова реализација.
„Точно е дека долги години се започнувало, се работело, но и проектот застанувал во однос на изградбата на вака крупни капитални проекти, посебно на овој Коридор 8. средствата кои што ги обезбедивме од нашите пријатели, дел од Европската унија, дел од Европската банка, ни даваат за право да веруваме дека кога има желба, волја и ентузијазам и има средства на располагање ние ќе бидеме на терен секојдневно“, посочи Благој Бочварски.
За реализација на проектите за изградба на пругата на Коридорот 8 и реконструкција на Кородорот 10 потпишани се три договори со вкупна вредност од 200 милиони евра. Овие проекти се финансирани со кредит од Европската банка за обнова и развој, но во вториот дел ќе бидат користени и средства од Европската унија за инвестициски фонд за Западен Балкан.
