И по два месеци учениците без учебници – пари се даваат за скрипти, Шаќири се правда дека нивната изработка е сложена

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Безмалку два месеца учениците посетуваат настава но за тоа го немаат основното средство – учебниците, туку настава следат со отпечатени скрипти. За ова државата потрошила околу 640 илјади евра пари кои ги добила како заем од Светска банка, што ќе треба да се врати. Од ВМРО-ДПМНЕ и денеска со критики за нерационалното трошење пари, но и за неажурноста навремено да се обезбедат учебниците.

„Овие пак таканаречени скрипи се збир од материјали, кои власта успеала да ги сублимира од минатогодишните учебници и дел од новите. Учебникот од стотина страни има содржина која е збир од веќе постоечките минатогодишни учебници. Ова се исти материјали за кои веќе еднаш авторите имаат добиено пари и ова се материјали со кои годинава истите автори конкурирале за избор на учебник и за тоа повторно ќе им биде платено. Една работа, еден труд платен два пати“, вели Марија Митева од ВМРО-ДПМНЕ.

Од Министерството за образование изминатиов период преку соопштение известија дека досега биле одобрени 73 учебници за средно образование. Министерот пак, Јетон Шаќири во интервју за Мета се правда дека процесот на изработка на учебниците бил комплексен и затоа не успеале навреме да ги обезбедат. Сепак додава дека материјали од кои што учат им биле обезбедени на учениците, а дека наскоро ќе бидат отпечатени учебници за до четврто одделение, а за другите одделенија дополнително ќе се печатат.

„Јас се надевам дека следната година ќе имаме промени во законското решение, ќе се поедностават одредени сегменти и вакви ситуации повеќе нема да се случуваат. Сепак ќе изразам задоволство што новите учебници за прво, второ, четврто и петто одделение за кои има нови наставни програми веќе се печатат до крајот на овој месец ќе стигнат до учениците. Тие не се оставени без учебници и имаат квалитетни наставни материјали.“, рече Шаќири.

Покрај учебниците годинава доцнеа и свидетелствата, кои учениците ги зедоа на почетокот на новата учебна година. Министерот Шаќири и за ова вината ја префрли на Бирото за развој за образованието, за кое вели дека била побарана одговорност.