И по референдум, референдум – Богоевски: И двете иницијативи имаат популистички цели

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Откако беше одбиена иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за спроведување референдум за францускиот предлог, темата за негово одржување повторно се враќа во јавноста по информациите на Левица дека се собрани потребните 100 потписи за таа да дојде во Собранието. За ова се дебатираше и во вчерашниот магазин на ТВ21 Клик плус, во која аналитичарот Иво Ранѓеловиќ оцени дека оваа иницијатива е задоцнета и дека самата идеја за тоа е погрешен чекор особено откако, францускиот предлог е изгласан во Собранието.

„Оваа иницијатива за референдум е задоцнет акт. Значи во овој момент нема никаква логика да повикувате на референдум откако ви е прифатен францускиот предлог. Бидејќи суштината на тој референдум не е дали ќе помине „да“ или „не“. Суштината е дали треба да се одржи. Бидејќи еве да речеме под претпоставка дека ќе се одржи  и дека тој ќе оди во полза на опозицијата, односно дека отфрламе Бугарите да влезат во Уставот. Во тој случај по автоматизам, ние самите на себе си стануваме пречка на интегративниот пат кон Европската унија“, вели Иво Рангеловиќ.

Поранешниот пратеник Павле Богоевски оценува дека ниту на ВМРО-ДПМНЕ ниту на Левица не им е важно што мислат граѓаните и каква е волјата на народот, туку дека тие тоа го прават за свои дневно политички поени.

„И Мицкоски и Апасиев имаа изјава дека без оглед на резултатите од референдумот тие ќе си продолжат со својата политика. Мицкоски откако го нападна Договорот со Бугарија кажа дека без оглед на резултатите од референдумот ВМРО-ПДМНЕ нема да гласа внесување на Бугари во Устав, а Апасиев кажа дека без оглед на резултатите од референдумот секоја наредна Влада го има правото да истапи од било кој процес да поништи било кој договор, односно кажуваат дека про-форма ќе го прават. Мислам дека вистинската цел на референдумот е мобилизација на вкупното гласачко тело. Според мене најголемиот проблем за двете референдумски иницијативи е тоа што и двете беа крајно несериозни, ,крајно неевропски и недемократски и крајно популистички“, порача Павле Богоевски.

Иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за одржување референдум со прашање за престанок на важењето на Договорот со Бугарија минатиот месец беше отфрлен од страна на претседателот на Собранието Талат Џафери. Во образложението беше наведено дека меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон.